Екипата на Вардар Про во недела го игра реваншот од третото коло во Купот на ЕХФ против Магдебург.
Германците во Скопје доаѓаат со три гола предност од првиот меч, но стравуваат од пеколот кој го најавија црвено-црните во Кале.
„Имаме тежок противник. Како што игравме на првиот дуел може да жалиме што немаме друг резултат, но против германски тим ниеден резултат не е сигурен за пласман во следната фаза. Ако имаме добар старт, но ако не правиме грешки, а тоа треба да ги убедам играчите, имаме шанси за победа во вкупниот резултат. Имаме квалитет да победиме со разлика колку што ни треба, но мораме да имаме висок процент на реализација и добри голмани” изјави Веселин Вујовиќ.
На прес конференцијата денеска беше присутен и Стојанче Стоилов кој неофицијално изјави дека недоразбирањата се надминати дека очекува во недела да биде во составот и да го даде својот максимум за во „Кале” да „падне” и големиот Магдебург.
Претседателот на клубот, Михајло Михајловски, изјави дека во продажба биле пуштени 600 влезници по цена од 100 денари и дека сите се веќе продадени. Во разговори со полицијата, поради безбедносни причини решено е вратите во салата да бидат затворени во 17 часот и 30 минути.