Годинава 122 загинати во сообраќајки, 25 се пешаци

Од:

Унапредување на безбедноста на пешаците во сообраќајот и намалување на жртвите на патиштата има за цел денешната тркалезна маса „Пешаците и нивната безбедност во сообраќајот“, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов, во своето воведно обраќање рече дека за жал бројот на загинати во сообраќајни несреќи во Македонија е голем и во првите девет месеци годинава има 122 загинати, од кои 25 или една четвртина се пешаци, што е еден од мотивите за организирање на ваква тркалезна маса.

– Министерството за внатрешни работи заедно со РСБСП, Владата и сите останати институции и организации согласно акционите планови ќе остане посветена на намалување на бројот на настрадани во сообраќајните незгоди, особено на пешаците. Во таа насока МВР презема акции за санкција на прекршителите, но и комбинација на превентивно-воспитни мерки за делување врз свеста на учесниците во сообраќајот. Репресивните мерки не секогаш придонесуваат кон резултати и потребно е да се преземат многу активности кон сите категории на граѓани за намалување на последиците. Сепак, безбедноста во сообраќајот е лична одговорност на секој од нас како поединци, рече Андонов.

Посочи дека Македонија со новиот закон за безбедност на сообраќајот создаде услови за намалување на бројот на сообраќајни незгоди во кои учествуваат пешаците, особено со намалувањето на брзината на движење во населени места од 60 на 50 километри на час.

Претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски, рече дека пешаците се најголема и најранлива категорија на учесници во сообраќајот и секоја година на патиштата во светот 270 илјади пешаци ги губат животите, што претставува околу 22 проценти од вкупниот број загинати на патиштата.

– Тркалезната маса се организира во рамки на одбележување на светскиот ден на жртви во сообраќајни несреќи. Најчести причини за сообраќајни незгоди на патиштата во Македонија со загинати пешаци се брзото возење во населени места, алкохолизирани возачи и пешаци, несоодветна сообраќајна инфраструктура, несоодветна видливост на пешаците во сообраќајот и учество во сообраќај со одвлечено внимание, рече Стаменковски.

Посочи дека во првите девет месеци годинава на патиштата во државата се случиле 111 сообраќајни незгоди со загинати лица што е зголемување од 6,31 процент во однос на минатата година, додека бројот на вкупно настрадани пешаци е намален на 618 од 713 во 2015 година. Бројот на загинати пешаци, исто така, е намален од 37 во 2015 година на 25 годинава.

Трауматологот Виктор Камиловски, рече дека најчести повреди кај пешаците во сообраќајни несреќи се скршеници на долните екстремитети, како и тешки кранио-целебрални повреди во пределот на главата од вторичниот удар, поради што е многу важно заклучоците од денешната тркалезна маса да се применат со цел намалувања на бројот на пациенти.

Би можело да ве интересира

По еден ден прекин, попаднево повторно воспоставен железничкиот сообраќај во земјава

Зголемена фреквенција на возила на граничниот премин Табановце за излез и за влез во државата

125 санкционирани возачи во Скопје

Посебен режим на сообраќај во Скопје во сабота поради чествувањето на смртта на Гоце Делчев

А1он

Паднато дрво го попречува сообраќајот на патот Делчево – Пехчево

Пропаѓале врски, бракови, бизниси – Италија ги укинува фотографиите од камерите за брзина во сообраќајот

А1он