На македонскиот пазар нема ниту еден од спорните „Јувитана“ производи за деца што ги повлече Србија поради сомнеж за зголемено присуство на пестициди, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
– По добиената информација дека од српскиот пазар се повлекуваат дел од палетата производи наменети за деца од брендот Јувитана, произведени од компанијата Свислајон – Таково, инспекторите за храна направија вонредна контрола во компанијата која ги увезува овие производи на македонскиот пазар. Притоа е констатирано дека ниту една од спорните серии не се наоѓаат на македонскиот пазар, наведува АХВ.
Агенцијата, како што дополнува, ќе продолжи будно да ја следи состојбата и навремено и соодветно ќе ги преземе потребните мерки.