Тренерот на македонскиот ракометен првак Раул Гонзалес ги повика навивачите на „црвено-црните“ в сабота да ја исполнат салата и да му помогнат на тимот да ги освои бодовите на претстојниот дерби дуел со Киелце.
– Очекувам добар и квалитетен натпревар. Киелце е одлична екипа со добра одбрана и мора да ги запреме нивните контри. Имаме уште два тренинга, по кои ќе решам кои играчи ќе настапат, а сите се здрави. Воедно очекувам и полна сала и поддршка да ја оствариме нашата цел, истакна Раул.
Двете екипи во последното одиграно коло од Лигата на шампионите претрпеа порази, Вардар на гостувањето кај Загреб, а Киелце од Рајн Некар Ловен.
Своите очекувања од мечот на денешната прес-конференција ги искажа Алекс Душебаев кој следната сезона ќе настапува токму за Киелце каде тренер е неговиот татко Талант Душебаев.
– Ќе дадам се од себе да победи Врадар. Сите 60 минути мислам само на победа за својата екипа. Сепак, ова ќе биде тежок натпревар Киелце е европски шампион. Ние се бориме за првото место во групата и да се пласираме директно во четвртфиналето. Киелце имаат добри играчи на секоја позиција и мора да внимаваме да немаме грешки тоа е најважно, за да немаат тие лесни голови, изјави левиот бек на Вардар.
Натпреварот се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:30 часот.