Врховниот суд на Република Македонија, попладнево до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, доставил допис со кој го известува претседателот на Кривичниот суд дека до претседателот на Врховниот суд е испратена ургенција од шефот на Изборниот штаб на СДСМ, Дамјан Манчевски, со која се бара првостепениот суд да овозможи уредно и благовремено издавање Уверенија за неосудуваност за кандидатите на листите за пратеници за потребите на престојните вонредни парламентарни избори.
Основниот суд Скопје 1 преку соопштение информира дека веќе се воведени дополнителни дежурства за издавање Уверенија за неосудуваност и оти непотребно се политизира работата на судот и се злоупотребува ажурноста на судските служби со наводи дека преку судот се опструираат изборите.
Во дописот од Врховниот суд, според соопштението од Основниот суд Скопје 1, се вели дека „Согласно наведеното, имајќи ги предвид скратените рокови за предвремените парламентарни избори, Ви укажуваме за потребно во рамки на Вашите законски надлежности, а по пат на судската управа, да организирате навремено издавање на потребните уверенија“.
Дополнително во текот на денешниот ден, како што се наведува во соопштението од Основниот суд Скопје, Судот од медиумите бил известен дека и Државната изборна комисија побарала поажурно да ги изготвува уверенијата за неосудуваност.
Основниот суд Скопје 1 – Скопје, уште во текот на вчерашниот ден, преку две соопштенија им укажала на барателите навреме да поднесат барање за потребните уверенија, како и за начинот како се аплицира за нив и им појаснила на барателите за ажурноста на судот со цел, како што се наведува, кандидатите да го запазат законскиот рок.
– Ги известуваме сите инволвирани дека, ова е вообичаена процедура по која постапува судот и по која постапувал на сите претходни изборни процеси, а во однос на дежурствата истите се организирани, уште од вчера, Уверенијата од Казнена евиденција, кои порано се викаа Уверенија за неосудуваност, веќе се издаваат навремено, и доколку рокот за пријавување од страна на ДИК биде продолжен, секако дека ќе се воведат дежурства и за дополнителните денови, соопшти Основениот суд Скопје 1 – Скопје.
Ова, како што стои, важи за сите кандидати кои треба да добијат соодветно Уверение во предвидениот рок, а не само за тие кои испратиле ургенции преку повисокиот суд или на друг начин, па затоа и непотребно се политизира работата на судот и се злоупотрбува ажурноста на судските служби со наводи дека преку судот се опструираат изборите.