Бројот на самоубиства во Грција од почетокот на кризата нагло е зголемен, покажуваат последните податоци, но не е објаснето дали тоа може да им се припише на економските проблеми на Грците, јави дописникот на МИА од Атина.
Во одговор на прашањата од двајца пратеници на Сириза, министерот за јавен ред Никос Дендиас објави полициски податоци според кои во 2009 година се самоубиле 677 лица, во 2010 – 830, во 2011 – 927, а годинава до август животот си го одзеле 690 лица, јави дописникот на МИА од Атина.
Фактот што повеќе од 3.100 Грци се самоубиле во годините од економската криза привлекува повеќе внимание на нејзиното влијание врз луѓето. Сепак, полициските податоци не даваат детали за овие самоубиства, како што се околностите во кои се извршени или возраста на починатите.
Од друга страна, според Еуростат во 2009 година Грција имала најниска стапка на самоубиства во Европската унија. На секои 100.000 граѓани во Грција пред три години имало три самоубиства, во споредба со просекот на ЕУ кој изнесувал 10,4.
„Катимерини“ нагласува и дека бројките на Дендиас покренуваат низа прашања околу податоците објавени од неговиот претходник, Христос Папуцис, кој на почетокот од годинава достави статистички податоци до Парламентот според кои имало помалку самоубиства. Според Папуцис, во 2009 имало 507 самоубиства, во 2010 – 622, а во 2011 биле регистрирани 590 самоубиства.