Неофашистичката партија „Златна Зора“ го прошири своето делување вон Грција, а италијанскиот огранок на партијата најави учество на регионалните избори во Ломбардија, јави дописникот на МИА од Атина.
Италијанските медиуми јавуваат дека основачот на италијанскиот огранок на „Златна зора“ Алесандро Гардоси изјавил дека собираат потписи за кандидати за регионалните избори во Ломбардија кои треба да се одржат во февруари.
Групата, која во Италија се нарекува „Алба Дората“, се залага Ломбардија да стане автономен регион, а Гардоси во тој контекст укажал дека „примерот на Косово е преседан во меѓународното право“.
Партијата заговара и употреба на посебна валута во Ломбардија, се бори против моќта на банките и синдикатите, како и против илегалната имиграција.
– Сакаме од Ломбардија да ја протераме мафијата и илегалните имигранти, изјавил Гардоси.
Според весникот „Република“, „Златна зора“ веќе има следбеници во неколку италијански региони, а седишта на партијата се отворени во ломбардиските градови Милано, Бреша, Варезе, Мантова и Лоди.