Женскиот македонски ракометен првак Вардар се пласира во следната фаза од Лигата на шампионите, откако вечерва со 39:25 ја победи Астраханочка во 4.коло од Б групата.
За вардарки ова беше 32. победа во елитната лига, трета во низа и втора над рускиот првак Астраханочка.
На две кола до крај на мечевите од Б групата, Вардар веќе и теоретски обезбеди место во следната фаза.
По пауза поради операција во тимот се врати и Андреа Лекиќ. Влезе во игра при резултат 15:9 во 24 минута. До крајот на првото полувреме таа постигна и два гола, а доби шанса да игра и во второто полувреме.
Високата предност уште по почетните минути овозможи тренерот Давид Дејвис да комбинира со различни ракометарки и да им даде шанса на повеќе играчи.
Најефикасни во победничкиот тим беа Јованка Радичевиќ со 9 и Андреа Пенезиќ со 5 погодоци.
Во следното коло Вардар гостува кај ФТЦ во Будимпешта и тој меч е важен за македонскиот првак, бидејќи од исходот ќе зависи колку бодови ќе пренесе во следната фаза.