Претседателот на чешката Влада и претседател на социјалдемократите (ЧССД) Бохуслав Соботка, во рок од еден месец ќе смени дел од актуелните министри и функционери во партијата, јави дописникот на МИА од Прага.
Во писмото, кое Соботка го испратил до своите сопартијци, а денеска јавно беше објавено, Соботка констатира дека неуспехот на неодамнешните регионални и сенатски избори е поради „замор на дел од функционерите и постоење на потребата од нивна замена“.
Најавата за смени на владино и партиско ниво меѓу членовите на ЧССД доаѓа пред парламентарните избори што треба да се одржат следната есен.
Соботка ги повика и коалициските партии АНО и демохристијанската партија (КДУ-ЧСЛ) да преиспитаат дали нивните тимови во Владата се најдобри.
На ова, претседателите на партиите кои коалицираат во Владата, вицепремиерите и министри Андреј Бабиш и Павел Бјелобрадек реагираа дека не размислуваат за промени на министри.
Претседателот на опозициската ОДС (Граѓанско-демократска партија) Петр Фиала на Твитер напиша дека најдоброто што Соботка може да го направи е да ја распушти „социјалистичко-популистичката“ влада.
Претседателот на државата Милош Земан, кој ги именува Владата и премиерот, изјави дека со Соботка ќе се сретне во вторник.