Договор меѓу јавниот и приватниот сектор околу прашањето за креирање економски политики, долгорочна стратегија за економски развој како нов економски модел, како и анализа на ефектите од сегашниот коморски придонес во развојот на државата. Тоа се трите клучни чекори во платформата за економски развој на Стопанската комора на Македонија, презентирани на денешната средба со делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од министерот за финансии Кирил Миноски, дел од партиските консултации за подготовка на изборната програма.
Бизнисот, според Комората, и понатаму треба да продолжи да биде во фокусот на интересите како во изминатите години, како и да продолжат капиталните инвестиции и нивното целосно искористување, како најсериозна алокација на средства што го поттикнува економскиот развој во државата.
Стопанствениците, како што изјави претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, сакаат да видат средување на правосудството особено во делот на извршувањето и брзината на извршувањето на донесените решенија и одлуки. – Тука мислам дека имаме определен проблем којшто практично парично на некаков начин ги оштетува компаниите во секојдневното работење, рече Азески.
На средбата, како што информира Миноски, се разменети идеи коишто ќе најдат соодветен одраз во партиската програма за претстојните парламентарни избори.
– Се работи за една навистина сеопфатна програма во која што сакаме да ги вклучиме сите релевантни чинители, пред се од приватниот сектор и да ги слушнеме нивните идеи. Тоа е практика што се применувала и претходно во подготовката и на претходните програми на ВМРО-ДПМНЕ коишто стануваат подоцна владини програми, изјави Миноски.
Најави дека во следниот период ќе продолжи интензивна комуникација со сите релевантни чинители во приватниот сектор со цел да се искреира деловно опкружување и политики коишто ќе овозможат повисок економски раст и подобар животен стандард за граѓаните.
Азески прецизираше дека со изготвената платформа предлагаат да се склучи договор меѓу јавниот и приватниот сектор затоа што сметаат дека тоа го бараат присуството на домашниот капитал и странските инвестиции.
– Со договорот ќе се прецизираат правилата на игра меѓу јавниот и приватниот сектор што досега го решававме во секојдневна комуникација, но сметам дека тука треба да се направи нешто без разлика кој и како ќе однесе победа на изборите, сите да сме обединети околу тоа дека јавниот и приватниот сектор мора да ги усогласуваат работите, изјави Азески.
Со долгорочната стратегија за економски развој, појасни Азески, точно ќе се прецизира дали ќе се прифати развој од 2 или 3 проценти економски раст кој гарантира статус кво ситуација или, пак, ќе се оди со повисоки стапки на раст кои гарантираат развој. Стопанската комора е за опцијата за развој која што смета дека може да се постигне со стапка на економски раст меѓу 5 и 7 отсто во наредните 10 години.
Во подготовка на новиот економски модел што ќе обезбеди таков раст, според Комората, е неопходна вклученост не само на Владата и на приватниот сектор, туку и на МАНУ, синдикатите и универзитетите.
– Бараме ова точно да се прецизира за да компаниите имаат јасна перспектива пред себе што ќе прават во наредниот период, рече Азески.
Со отворање на прашањето за структуриран, единствен и моќен коморски систем, стопанствениците сакаат да се направи анализа за досегашното функционирање на коморскиот систем и да се види дали може да се најдат подобри облици кои ќе го зајакнат за тој да биде вистинскиот глас на приватниот сектор.
– Во државата имаме веќе сериозен број и на странски и на домашни чинители коишто се значаен сегмент за натамошниот развој и тие си бараат место под сонцето во натамошниот период, изјави претседателот на Стопанската комора на Македонија.
Од интерес на бизнис заедницата, според Стопанската комора на Македонија, е во иднина да се работи и на прашањата за квалитетот и брзината на услугите што му се потребни на бизнисот од јавната администрација, ликвидноста во односите на јавниот и приватниот сектор, сивата економија, поддршката на извозните компании…