Во Грција се отвори дискусија за прогласување на крајнодесничарската формација „Златна зора“ за противуставна партија. Грчките медиуми јавуваат дека по неколку месечните провокации од страна на пратениците на „Златна зора“ во политичките средини почнаа да се разгледуваат можните соодветни реакции за таквите постапки.
Претседателот на социјалистичката партија ПАСОК, Евангелос Венизелос, која учествува во владината коалиција, јавно ја отвори дискусијата. – Кога пред себе имаш една противуставна партија, потребно е да се справиш со таа појава, порача Венизелос.
Според весникот „Та неа“ Венизелос соработува со неформална група експерти, со кои бара начини да се оспори присуството на „Златна зора“ во Парламентот.
Лидерот на ПАСОК смета дека Грција се соочува со тешка појава на расистичко, фашистичко и ксенофобично насилство. – Во Парламентот имаме една противуставна, нацистичка, провокативна партија, која е симпатизер на воената хунта, изјави Венизелос.
Министерот за јавен ред Никос Дендиас изјави дека пратениците на „Златна зора“ во повеќе наврати досега ги прекршиле законите.
– Според Уставот „Златна зора“ не може да биде прогласена за противзаконска, беше реакцијата на нејзиниот лидер Николаос Михалолјакос. Тој напомена дека ништо не го спречува да формира нова партија и додаде дека ваквите чекори на неговите политички противници можат дамо да ја засилат поддршката кон неговата партија.
Во интервју за интернет страницата Етникизмос Михалолјакос изјави дека неговата партија има многу поголема поддршка, од таа што е изразена во анкетите.
Според последните испитувања на јавното мислење „Златна зора“ е трета политичка сила во Грција по опозициската Коалиција на радикалната левица СИРИЗА и владејачката партија на премиерот Андонис Самарас, Нова Демократија.
Крајнодесничарската партија влезе во Парламентот на изборите во јуни оваа година за прв пат во историјата на земјата. Таа освои седум проценти од гласовите и има 18 пратеници. Нејзините пратеници и приврзаници често пати се вмешани во инциденти. Последниот се случи минатата недела кога пратеникот Христос Папас го развеа знамето на воената хунта за време на митинг, а партискиот портпарол Илиас Касидиарис им се закануваше и ги навредуваше припадниците на полицијата.