Дводневна конференција на тема „Пристап до право на азил и формално/неформално враќање на мигранти/бегалци“ ќе се одржи денеска и утре во Охрид.
Конференцијата е дел од проектот за „Подобрување на системот на правна заштита во врска со азилот“, кој се реализира во соработка со Канцеларијата на Народниот правобранител и Високиот Комесаријат за бегалци на ООН – Канцеларија Скопје.
Поздравни обраќања на конференцијата ќе одржат народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети и претставникот на Високиот Комесаријат за бегалци на ООН – Канцеларија Скопје, Мохамад Ариф.
На првата панел дискусија на тема „Пристап до право на азил и формално/неформално враќање на мигрантите/бегалците“ ќе говорат професорот на Факултетот за безбедност во Скопје, Трпе Стојановски, виш советник за правна заштита од Високиот Комесаријат за бегалци на ООН – Канцеларија Скопје, Дејан Кладарин и Ерда Ќазим од Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции, ИОМ Скопје.
На панел дискусијата „Осврт на состојбите по однос на пристапот до правото на азил од аспект на Националните институции за човекови права – I дел “ ќе се обратат омбудсманот на Албанија, Игљи Тотозани, главниот експерт во Директоратот за Национален превентивен механизам, Омбудсман на Бугарија, Свилена Игнатова, заменик – омбудсманот на Србија, Милош Јанковиќ, омбудсманот на Хрватска и претседавач на Европската мрежа на Национални институции за човекови права, Лора Видовиќ и заменик – омбудсманот на Словенија, Иван Шелих.
На панелот насловен „Осврт на состојбите по однос на пристапот до правото на азил од аспект на Националните институции за човекови права – II дел“ ќе говорат заменик шефот на ОПКАТ НПМ на Унгарија, Каталин Харази, омбудсманот на Босна и Херцеговина, Јасминка Џумхур, омбудсманот на Црна Гора, Шуќко Баковиќ и омбудсманот на Косово, Хилми Јашари.
Утре, на вториот ден од конференцијата на панелот насловен „Согледувањата и искуствата на надлежните институции во Република Македонија“ ќе говорат државниот советник, Снежана Теодосиевска-Јорданоска, началникот на Сектор за азил во Министерство за внатрешни работи, Братка Дејаноска-Милчевска, државниот советник за еднакви можности од Министерство за труд и социјална политика, Елена Грозданова и шефот на Секторот за операции и координација од Центар за управување со кризи, Душко Петровски.
На последната панел дискусија за „Согледувањата и искуствата на невладиниот сектор“ ќе говорат претседателот на Македонско здружение на млади правници, Мартина Смилевска Кчева, проектен координаторот од Хелсиншки комитет на РМ, Елена Брмбеска, генералниот секретар од НВО ЛЕГИС, Мерсиха Смаиловиќ и претседателката на Отворена Порта (Ла страда), Јасминка Димишковска-Рајковска.