Шеесет години уметничко творештво одбележа синоќа 80-годишниот Петар Наневски, писател и сликар од кавадаречкото село Ваташа, во Домот на културата “Иван Мазов Климе” од Кавадарци. Во рамките на мултикултурната вечер, беше отворена изложба на негови ликовни дела, а имаше и промоција на неговата книга “Златните усти на зборот”.
Ванчо Кеков, професор и ликовен уметник од Кавадарци, во своето обраќање пред присутните, рече дека Петар Наневски е еден автор за кој слободно може да се каже дека е еден од темелите на ликовното изразување и битисување во Тиквешијата.
– Овој плоден автор има дадено голем приодонес за развојот на ликовната уметност во Кавадарци. Неговиот опус е вечно истражување, има толку многу ентузијазам и енергија во неговите дела. Тој е еден од ретките кои живеат за уметноста и неговото сликарство навистина заслужува внимание, нагласи тој.
Владимир Темков, директор на културниот дом, рече дека Наневски го познава јазикот на уметноста.
– Кавадарци е своевидна колевка за културни дејци и оттука имаат произлезено бројни надалеку познати ликовни уметници. Наневски е еден од неколкумината уметнички творци кои после војната се обиделе кавадаречката модерна уметност да ја стават на едно повисоко ниво, додаде Темков.
Пред љубителите на неговото творештво се обрати и авторот, кој најави и нови дела, повикувајќи луѓето да се разбираат токму со јазикот на уметноста.
Наневски досега има отворено 54 изложби и објавено повеќе поетски книги. Член е на Друштвото на писатели на Македонија.