Научен собир на МАНУ: „Милениумското зрачење на свети Климент Охридски“

Од:

Македонската академија на науките и уметностите денеска и утре организира меѓународен научен собир насловен „Милениумското зрачење на свети Климент Охридски“ во рамки на чествувањето 1100 години од упокојувањето на првиот епископ кај јужните Словени, основач на Охридската книжевна школа и меѓу најистакнатите ученици на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

– Овој наслов на симпозиумот најавтентично го синтетизира и го одразува големото дело на св. Климент, неговиот неспорен придонес во реализацијата на идејата на неговиот учител свети Кирил за природното и неприкосновено право словенскиот род да го слави Бога на сопствен, разбирлив јазик, и неговата величина како една од најобразованите личности на неговата епоха. Ние сме горди на Охрид, градот на Климент, кој во 9 век беше лулка на старословенската цивилизација… Климент му припаѓа еднакво на сите словенски народи и пошироко, на целата европска цивилизација, рече претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, отворајќи го дводневиот собир.

Потврда за општословенско значење на Климент е и присуството на претседатели и претставници на 11 странски академии на науките и уметностите на централното чествување на 1100-годишнината во август во Охрид. Должност е на академиите од сите словенски земји, рече Фити, низ континуирани научни истражувања заедно да ја проучуваат словенската цивилизација од нејзините почетоци до денес.

Тој нагласи и дека Академијата е особено горда што нејзе и е препуштено годинашното чествување на јубилејот. Покрај научните собири во Охрид и Скопје, тоа опфаќа и други активности организирани од МАНУ, меѓу кои и изложбата „Портретите на св. Климент Охридски во ликовната уметност на Македонија и на соседните земји“ и објавеното тритомно издание „Епоха св. Климент Охридски“.

На собирот беше прочитано и писмо од покровителот на чествувањето – претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој поради обврски не присуствуваше на настанот. Во него тој наведува дека свети Климент Охридски е меѓу ретките личности од цивилизациско и милениумско значење.

– …Надоврзувајќи се на делото на своите учители – Кирил и Методиј, тој стана еден од втемелувачите на словенската и македонската писменост и литература. Иако се пишувани на јазик кој штотуку ја добил својата прва азбука – глаголицата, беседите на свети Климент ни најмалку не заостануваат од најдобрите примери на старата византиска литература. Има уште една специфична одлика на свети Климент – за разлика од многу влијателни историски личности, кои не секогаш биле прифатени од своите современици, свети Кимент бил почитуван уште за време на својот земен живот. Тој кај народот ја утврдил верата со што придонел кон реформа на животот во суровиот среден век.. Долгот што го имаме кон неговото дело е и долг кон нашето минато и историја –  1100 години од физичкото упкопојување на нашиот голем учител, се уште се крепиме од духовната и интелектуалната храна која ни ја оставил,  напишал Иванов.

Академик Георги Старделов својот реферат го наслови „На почетокот би зборот“ затоа што, рече тој, тоа била  првата гнома  која Константин Филозоф (Кирил) ја превел од грчки на црковнословенски јазик.

– Ја избрал да биде првата зашто во неа е сублимиран духот и суштината на сето христијанство, кое е вреднувано како религија на писмото и на словото. Свети Климент рекол дека во зборот се заклучени големите неизвесни тајни на светот. Според него, се е збор, се од него почнува и се во него завршува, рече Старделов.

Академик Блаже Ристовски, кој е претседател на Организацискиот одбор на научниот симпозиум во МАНУ, имаше излагање за потеклото на името Словени и за славистите кои го проучувале етнонимот. Рече дека за потеклото на името Словени и изведенката словенски особено се занимавале руските научници во 19 век кога со појавата на панславизмот биле насочени кон словенскиот Балкан и корените на кирилометодиевската писменост.

Според проучувањата, името се појавило во 5 век, а во Македонија континуирано се користело од средината на 6 век. Во 9 век, рече Ристовски, со  просветителската мисија на солунските браќа, а особено по благословот од папата во Рим словенскиот јазик да биде признат, се засилила употребата на името. Ристовски посочи и дека меѓу македонските проучувуачи бил и Крсте Мисирков кој во реферат од 1907 година напишал дека името Словени никнало од римските колонизатори и романизираните староседелци на северниот дел од Балканскиот Полуостров.

На дводневниот симпозиум во МАНУ учествуваат околу 40 научници, од кои десетина се странски. Тој има две работни сесии – денешната е на тема „Книжевност, јазик и литература“, а темата на сесијата утре е „Историја, теологија, археологија и историја на уметноста“.  

Би можело да ве интересира

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Влен: Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристат за други етнички заедници

Претседателство на МАНУ: Академијата е отворена за сите што ги исполнуваат критериумите, да не се вовлекува во дневнополитички расправи