Втор меч за МЗТ Скопје Аеродром во Еврокупот сезонава и втор несреќен пораз на пресметка со Цедевита во која сино-белите кошаркари ја имаа иницијативата и резултатската контрола речиси во сите 40 минути, но на крајот, поради замор и пад на концентрацијата не успеаја да дојдат до посакуваните бодови. Тренерот Алксандар Јончевски беше задоволен од прикажаното на неговите избраници и покрај негативниот резултат на крајот од мечот.
– Одигравме квалитетен натпревар, но неискуството на дел од играчите на крајот не чинеше пораз. Не знам по кој пат загубивме на една топка, на еден шут. И покрај се, задоволен од сите играчи, успеавме да одиграме добро. Противникот имаше повеќе офанзивни скокови, а ние слаба ротација, особено на надворешните позиции, што на крај беше решавачки. Но, нема да згрешам ако кажам дека ако победевме ние ние на крајот, тоа воопшто немаше да биде незаслужено, изјави тренерот Александар Јончевски по средбата.
Поради повреди во составот на македонскиот шампион ги немаше Ѓорѓе Дреновац, Шарлон Клоф и Марко Симоновски, но тоа не ги спречи останатите, меѓу кои првпат голема минутажа добија Адем Мекиќ и Андреј Цветковски, да одиграат борбено и да бидат многу блиску до триумф против силниот противник.
Следна шанса за прва победа во Еврокупот, кошаркарите на МЗТ Скопје ќе ја имаат следната среда, кога му гостуваат на рускиот тим Нижњи Новгород. Претходно, в недела, аердодромци ќе го одиграат дуелот од 7.коло од АБА-лигата, против Мега Мекс во Сремска Митровица.