За да бидат препознатливи на светскиот пазар и во глобалната дистрибутивна мрежа, македонските текстилни компании треба да го воведат GS1 стандарот кој не подразбира само универзално идентификување на производите, во секоја земја, туку и можност за непречена соработка со странски партнери на сите нивоа, подобро работење, помали трошоци, поголема продуктивност, ефикасност, продажба, извоз и оптимални залихи.
Ова беше истакнато пред денешната презентација „Со GS1 стандардите до зголемена конкурентност на македонската текстилна индустрија“ во Стопанската комора, на која искуствата од примената на GS1 и од воведувањето на новите, иновативни технологии ги пренесе германскиот експерт Маркус Милер.
– GS1, познат уште како „глобален јазик на бизнисот“, не значи само заштита од фалсификати, туку и јакнење на брендот или практично, подготовка на македонските компании за надворешниот пазар кој е немилосрден, напомена Слаѓана Милутиновиќ од GS1 Македонија.
Според неа, модерната трговија денес не може да се замисли без бар код, одосно без идентификација на производите. Таква универзална препознатливост е неопходна за да се биде дел од светската дистрибутивна мрежа.
Он-лајн продажбата, додаде Милутиновиќ, дополнително ја наметнува потребата од примена на GS1 стандардот.
Милер подвлече дека последниве 10 – 20 години потрошувачите јасно кажуваат дека сакаат да знаат кој производ од каде потекнува, дали трудот за неговата продукција е реално платен. Затоа и текстилната индустрија се фокусира на ефикасноста меѓу брендот и малопродажбата. Како да се влезе во трагот на производите што се продаваат, рече, е еден од најголемите предизвици денес.
– Текстилната индустрија во светски рамки денес се соочува со големи предизвици, треба да биде побрза, подобра, поефикасна и воедно да им овозможи на купувачите да ги платат високите цени кои допрва следуваат, рече Милер, додавајќи дека трошоците во однос на она што може да се постигне со воведувањето на GS1, се многу разумни. Не станува збор за купување нов софтвер или систем, туку за менување на организацијата при работењето со цел поголема професионалност и ефикасност.
Анализите на GS1 Македонија покажуваат дека многу мал број од домашните текстилни фирми го имаат вовдено овој стандард. Во однос на GS1 предничат прехранбената и индустријата за широка потрошувачка.
Стопанската комора уште еднаш укажа на потребата од напуштање на лон -производството во секторот текстил и преминување кон изработка на финални продукти. – Се уште најголем проблем е лон-производството на кое отпаѓа 90 – 93 отсто од извозот на македонскиот текстил. Овој модел треба постепена да се напушта, истакна Билјнана Пеева Ѓуриќ од Комората.
Во првите осум месеци од годинава текстилната индустрија реализирала 400 милиони долари извоз или 12,7 отсто од вкупниот на ниво на државата.