Претставници од околу 200 земји од светот, утринава во Кигали, главниот град на Руанда, склучија глобална спогодба за постепено укинување на индустриски штетните гасови или хидрофлуоројаглероди, кои се користат во ладилниците и климатизерите и многу и штетат на климата, пренесоа светските агенции.
-Исправките и решенијата се донесени, информира руандскиот министер за природни ресурси, Винсент Бирута, по пленарната седница на учесниците во преговорите, што траеше цела ноќ.
Според одредбите од спогодбата, земјите се делат во три групи, кои имаат различни рокови за да го намалат користењето на индустриските штетни гасови, изјави Бирута.
Развиените држави, вклучувајќи ги повеќето европски и САД, преземаат обврска до 2019 година да ги намалат штетните гасови за 10 проценти и до 2036 година да постигнат намалување за 85 проценти
Останатите две групи држави во развој ќе го замрзнат користењето на хидрофлуоројаглероди до 2024 и 2028 година и потоа постепено ќе почнат да го намалуваат.
Кина има најголеми емисии на штетни гасови во светот, следена од САД, напоменуваат американските медиуми.