Канаѓанецот Марк Карни (47) е избран денеска за нов гувернер на Банката на Англија, која во Велика Британија ја има улогата на Централна банка, јави дописникот на МИА од Лондон.
Карни сега е веќе пет години гувернер на Централната банка на Канада. На оваа функција Карни ќе го наследи сегашниот гувернер на Банката на Англија, Мервин Кинг, кој ќе се повлече во јуни идната година.
Канаѓанецот ќе стапи на новата должност дури во август 2013 година, откако претходно ќе аплицира за британско државјанство. Именувањето на Карни го соопшти британскиот министер за финансии, Џорџ Озборн кој за канадскиот банкар реше дека „има исклучително искуство“ во банкарското работење. Тој ќе биде пет години на оваа функција и ќе работи според новата регулатива, што се носи за банките во Велика Британија.
Гувернер на Банката на Англија е еден од најважните функции во британската економија и во домашното банкарство и финансии. Изборот на Карни е големо изненадување, затоа што неодамна тој самиот се исклучи себе си од можниот избор, откако во британската јавноста се појави и неговото име, меѓу кандидатите од поширокиот избор.
Како главен кандидат фигурираше сегашниот заменик-гувернер на Банката на Англија, Пол Такер, најмногу затоа што и Мервин Кинг беше избран за гувернер, откако претходно беше на функцијата заменик. Меѓу силните кандидати за иден гувернер се споменуваа и лорд Тарнер, раководител на финансиската контрола во лондонски Сити, како и сегашниот претседател на Сентандер банката во Лондон, лорд Барнс.