Општина Тетово во соработка со невладината организација „Еко свест“ и Германската амбасада во земјава во Тетово ќе постават Еко три билборд. Наместо да се засадуваат дрвја ќе се поставува вертикална инсталација од мов, која ќе го прочистува воздухот.
„Сити три“ или „Градско дрво“ е инсталација од мов со висина од четири метри, широчина три метри и длабочина од 60 сантиметри. Билбордот ќе се постави во близина на Центарот за култура. Според тетовската градоначалничка Теута Арифи, Тетово и Скопје се првите општини во земјата каде е најголемата потребата од вакви билборди.
Последниве три години на иницијатива од општина Тетово засадени се близу 2.500 дрвја и растителни култури, бројка која до крај на оваа година се очекува да достигне до три илјади. Растителениот филтер „City tree“ кој ќе се постави во централниот дел на Тетово претставува вертикална структура на мовови кои собираат прав и имаат способност да неутрализираат 240 тони карбон диоксид годишно. Со други зборови оваа зелена инсталација го неутрализира загадувањето од близу 417 моторни возила на годишно ниво, а има исти ефект како 275 дрвја.
– Општина Тетово постојано ги поддржуваше и ќе продолжи да ги поддржува иницијативите и проектите од оваа природа кои без сомнение претставуваат конкретен чекор за борба против загадувањето на воздухот, рече Арифи.
– Климатските промени се прашање кое не засега сите нас. Секој има право на чист воздух. Ова е предизвик на нас и на модерното општество. Стратегијата на Министерството за надворешни работи на Германија е токму заштитата на животната средина. Да го зачуваме чистиот воздух за нас и нашите деца е наша главна цел, изјави амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузен.
Во интерес на граѓаните е да се обезбеди доволно чист воздух за дишење. Индустријализацијата на градовите не треба да бидат на сметка на зелените површини и ова е еден модерен начин за заштита на животната средина посочи Ана Чоговиќ од „Еко свест“.
Во своето обраќање градоначалничката Арифи се осврна и на состојбите со индустрискиот капацитет „Југохром“ што се наоѓа во општина Јегуновце на околу 12 километри воздушна линија од Тетово.
– Јас како прва меѓу еднаквите во мојот град предлагам и силно стојам позади фактот доколку не се исполнат условите и не се постават заштитни филтри во загадувачот „Југохром“ со што ќе се редуцира емитирање на штетни гасови овој индустриски капацитет дефинитивно да престане со работа до крај на месец март 2017 година поради фактот што во текот на овие критични месеци показателите на загадувањето на воздухот во Тетово достигнуваат алармантни цифри. Овој мој став не сакам да се толкува како тенденција за предизвикување на социјална штета врз вработените и нивните семејства и токму поради тоа сметам дека Владата на Република Македонија треба да понуди оддржливо решение за горенаведениот проблем и на ургентен начин да превземе одговорност за надоместок и обештетување на вработените во овој индустриски капацитет во периодот додека овој капацитет нема да работи, рече Арифи.
Во интерес на граѓаните на Тетово и од полошкиот регион но и за самата држава, како што додаде, е да имаме што почиста животна средина во која сите слободно ќе дишеме.