Поранешниот британски премиер Тони Блер, смета дека одлуката Велика Британија да се дистанцира од врвот на ЕУ би значела катастрофа за британската економија и за нејзиното влијание во светот.
Својот став, Блер јавно ќе го изнесе во говорот оваа недела, за де се обиде „пред да стане доцна, да го запре растечкиот евроскептицизам“, пишува Гардијан.
Се посилни се гласините дека Британија постепено ќе се исклучува од највисоките европски збиднувања, а како еден од сигналите е остриот став на премиерот Дејвид Камерон кон буџетот на ЕУ.
Со поддршка на Германија, Шведска и Холандија, Британците го отфрлија предлогот за седумгодишниот буџет на Унијата, со инсистирање на „замрзнување“, а не на трошење.
Како што пишува весникот, таа одлука, растечкиот анти-ЕУ став во јавноста и негативниот однос на гласачите кон ЕУ, ги загрижија економските лидери во Британија.
Блер, како човек кој според некои проценки и понатаму посакува висока позиција во ЕУ, ќе се обиде да ја искористи ситуацијата и да побара поддршка од бизнисмените во борбата против евроскептицизмот.