Предложено продолжување на кризната состојба поради наплив на мигранти до 30 јуни 2017

Од:

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска го прифати предлогот за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија. Со продолжувањето на рокот за кризна состојба се предвидува обезбедување континуитет во вршење на активностите на АРМ и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница, во времетраење до 30 јуни 2017 година.

На седницата министерот за одбрана Зоран Јолевски рече дека оваа одлука се бара поради фактот на нестабилна состојба во Сирија и Ирак и немањето на услови за 2.5 милиони мигранти кои се наоѓаат на територијата во Турција како и еден милион бегалци во Либан и Јордан, кои преставуваат можност за нов мигрантски бран кој се упатува кон Македонија.

– Ние внимателно го следиме развојот на настаните и приливот на мигранти по таканаречената балканска рута. Сметаме дека неопходно е да се продолжи кризната состојба на нашата јужна и северна граница до 30 јуни 2017 година, истакна Јолевски.

Талат Џафери од ДУИ рече дека е против оваа одлука со образложение дека е намален пројот на мигранти кои транзитираат преку Македонија и дека состојбата е подобрена после договорот на Турција со Европската унија.

– Факт е дека протокот на бегалците коишто беа сместени на јужната граница веќе се префрлени во други центри на територијата на Република Грција и со никакво оправдание не се закануваат со таа мерка да дојдат пред границата со Македонија. Мислам дека е различна состојбата со тоа како беше претходно, рече Џафери

Тој побара од министерот да образложи колкав бил протокот на мигранти од јануари до јуни 2016 година за да се направи разликата колку е зголемен тој проток од јуни до 1 октомври.

Пратеникот Иван Стиљковиќ побара продолжување на рокот до 31 декември 2017 година за да се избегнат, како што рече, процедуралните надмудрувања и ќе се остави простор ситуацијата да се развива до крај. Реплицирајќи му на претеникот Џафери тој постави прашање дали Македонија ќе биде прва земја во Европа и регионот која ќе каже дека мигрантската криза е решена и дека не постои нов мигрантски бран.

– Да кажеме дека нема опасност од нов мигрантски бран и дека ситуацијата е толку стабилна е погрешна и е погрешен сигнал кој ќе го пушти Македонија, не само кон сопственото население туку и кон сите земји во регионот и Европската Унија. Ќе бидеме единствена земја која ќе каже дека нема никаква опасност од мигрантскиот бран, и е сосема спротивно од насоките на ЕУ и Грција, Турција, Србија и Словенија, истакна Стоиљковиќ.

Претседателот на Комисијата Сашо Аќимоски од ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка на одлуката и рече дека е добро сега да се донесе, имајќи го во предвид, наближувањето на парламентарните и локалните избори. Според него, не би било добро да дојде до некој вакуум простор до формирањето на новата Влада или немање на можност да се свика Собранието, за да не се случи нешто во тој период, а АРМ да неможе да дејствува.

За Предлог – одлуката треба да се изјасни и Собранието на пленарна седница.

Би можело да ве интересира

Собранието ќе одлучува за дополнетиот ребаланс на Буџетот одобрен од Владата

Мицевски: Владата има луѓе, има механизација сега и се справува со сите можни и неможни позиции коишто ги има

Грција ќе ги суспендира барањата за азил од луѓе што доаѓаат од Северна Африка за три месеци

Левица: Африм Гаши, уценет од ВМРО-ДПМНЕ, илегално ја поништи закажаната Надзорна расправа за Кочани

Собранието ги донесе реформските закони за дигитална трансформација

На 9 јули пратениците ќе расправаат за интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд