Македонската академија на науките и уметностите денеска одбележа 49 години од основањето. Нејзиниот претседател, академик Таки Фити, во експозето насловено „Година на премрежија и надежи“ истакна дека 2016 и претходната 2015 ќе останат запаметени како исклучително тешки години, со тензии и искушенија, но и со очекувања, како што рече, земјата да ја надмине сериозната криза.
– Проблемите пред кои денес е исправена Република Македонија нема да се разрешат преку ноќ. Ние очекуваме организирање фер и демократски избори и формирање политичка влада со полн капацитет на одлучување, како вовед и битна претпоставка за разрешување на кризата. Меѓутоа, како што повеќепати досега сме нагласувале, проблемите што се сега во фокусот на нашата стварност ќе бараат крупни реформи, многу знаење, енергија и политичка волја за нивно надминување. Членовите на МАНУ, во соработка со целокупниот научен потенцијал на земјата и со владините експерти, посветено ќе работат на надминување на отворените предизвици со кои е соочено нашето општество, истакна Фити.
За да придонесе во остварувањето на овие цели, МАНУ денеска организираше научна конференција на тема „Состојби и перспективи на науката и високото образование во 21 век“ затоа што, како што посочи претседателот на Академијата, токму оваа сфера доминантно ја антиципира иднината на македонското општество и неговите долгорочни развојни перспективи.
Во овој контекст е објавена и Студијата за состојбите и отворените предизвици во областа на високото обрзование и науката, подготвена од академик Владо Камбовски, раководител на Центарот на МАНУ за стратегиски истражувања. Според Камбовски, проблемите во високото образование, науката, иновациите и развојот се резултат на недоследно остварување на Болоњскиот процес кој, како што рече, е остварен само во некои елементи.
– Резултат на Болоњскиот процес беше потребното, очекувано проширување на мрежата на високообразовни институции, и таа е проширена со над 24 универзитети и над 130 факултети со над 600 студиски програми што е преобемна високообразовна сфера, која ја нема во многу поразвиени држави, рече Камбовски но, додаде, истражувањата и апликациите не се развиени во достатна мера и науката и истражувањето не се интегрален дел на нашиот систем на високо образование.
Истакна и дека треба да се обезбеди соодветно јавно финансирање за науката затоа што издвојувањето е на константно ниво на околу 0,2 проценти од БДП, независно од тоа што, како што рече, БДП од воведувањето на Болоњскиот процес е зголемен за 30-40 проценти, а државниот буџет е зголемен двојно.
– Проектот на високо образование, наука, истражување и технолошки развој е јавен проект што го креира колективниот општествен ум, во заедницата помеѓу државата, академската и научната заедница и стопанството. Некаде излизгал нашиот систем, па ги тргнал овие две исклучително важни, креативни сфери, централизирајќи ги функциите во високото образование, науката и истражувањето во државата, односно во Министерството за образование и наука. И од тоа произлегуваат бројни недоразбирања, донесување законски проекти и измени на законите без поширок општествен дијалог, рече поранешниот петседател на МАНУ.
Во однос на технолошкиот развој, додаде Камбовски, државата презела позитивни активности, меѓу кои Стратегијата за развој на иновации 2020 и создадената инфраструктура. Но, рече тој, нашата забелешка е дека сето тоа се прави повторно без спој помеѓу трите области. – И затоа не може да ги даде потребните ефекти, додаде тој.
Проф. д-р Илија Ацевски, кој на конференцијата зборуваше за квалитетот на високото образование, изјави дека тоа денес во Македонија се наоѓа на крстопат на две насоки – или да тргне во насока на квалитетно европско образование или, како што рече, и понатаму да се соочуваме со актуелните проблеми. Смета дека отворањето повеќе универзитети не води кон квалитет.
– Македонија е меѓу ретките земји која има најмногу универзитети, релативно најмногу студенти запишани од средно на факултет, но тоа не значи подобрување на квалитетот на образованието… Реформата значи одлучни чекори. Во овој момент Македонија, посебно УКИМ треба да обезбеди евалуација за да може реално да го лоцира квалитетот на образованието на едно повисоко, европско ниво, рече Ацевски.
Д-р Љубомир Гајдов истакна дека се направени реформи и трансформации, но дека нема трансмутација или промена на суштината. Смета дека реформите треба да ги прави голем трансдисциплинарен тим и како пример ја посочи Хрватска каде што во курикуларните реформи се вклучени 850 експерти. Според Гајдов, потребно е да се воведе и филозофија во сите нивоа на образование – од предучилишно до докторски студии.
– Бидејќи ако не ги научиме децата да мислат со логика и со етика да се однесуваат, нема да очекуваме иднина на оваа земја, рече Гајдов.
Во експозето за работата на МАНУ во измината година, претседателот Таки Фити соопшти дека е во тек реализација на повеќе од 100 научноистражувачки и уметнички проекти од различни области, организирани се 30 научни собири и богата издавачка дејност, а голем број трудови се објавени во меѓународни списанија и списанија со импакт-фактор.
Тој ја нагласи и соработката со соседните академии, пред се со Бугарската академија на науките-БАН со која МАНУ соработува на 30-ина заеднички проекти. Годинава започнала да се реализира програмата со Српската академија САНУ, со која се предвидени 13 проекти, како и со академиите на Албанија и Косово. Подвлече дека е интензивирана и соработката со Европската академија на науките и уметностите и дека на чествувањето на свети Климент Охридски летово во Охрид присуствувале претседатели и претставници на 11 странски академии. Меѓу годинашните активности на МАНУ е и Советот за евроинтеграции на МАНУ формиран во соработка со Секретаријатот за европски прашања на Владата на РМ.
На одбележувањето на 49-тиот роденден на МАНУ беше доделено и највисокото признание на МАНУ – медалот „Блаже Конески“. Годинашни добитници се поетите Суад Енѓуру од Турција (1950) и Душан Новаковиќ (1948) од Србија, двајцата со македонско потекло. Тие се занимаваат со преведувачка дејност и се заслужни за афирмација на македонскиот јазик и литература.