Делегација на Собранието на Република Македонија во состав Александар Николоски, Рената Дескоска, Владимир Ѓорчев и Имер Алиу, ќе учествува на редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), што ќе се одржува од денеска до 14 октомври во Стразбур, Франција.
Како што соопшти собраниската прес-служба, предвидено е Николоски, во својство потпретседател ПССЕ, функција која ја извршува во текот на 2015 и 2016 година, да претседава со Парламентарното собрание на СЕ во среда претпладне.
На есенската сесија обраќања пред пратениците ќе имаат францускиот претседател Франсоа Оланд, германскиот сојузен министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
Темите за кои ќе се дебатира, според дневниот ред, се политичките последици од конфликтот во Украина и правните лекови за кршењето на човековите права во областите кои не се под контрола на Украина, додека дополнителната точка за актуелни настани ќе ја опфати дебатата за ситуацијата во Турција, во светлината на обидот за државен удар.
Томас Бах, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, ќе се обрати пред Собранието во контекст на извештајот за спорт за сите, а пратениците, исто така, ќе расправаат и за извештаите за правата на децата во врска со сурогат бременоста, за лекциите од т.н. „Панамски хартии”, со цел да се обезбеди фискална и социјална правда, како и за соработка со Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Министерот за надворешни работи на Естонија, Јурген Лиги, во функција на претседавач со Комитетот на министри, ќе ги претстави активностите на естонското претседателство и ќе одговора на прашања на пратениците. Предвидено е и генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, исто така, да одговара на прашања.
На денот на отворањето на седницата, Собранието ќе го избере победникот на наградата „Вацлав Хавел“ за човекови права во 2016 година, од потесниот избор на тројца кандидати и тоа: Гордана Игриќ, новинар од Србија и активен бранител на човековите права и слободата на медиумите, Меѓународниот институт за човекови права – Фондацијата „Рене Касен“, која од 1969 година работи на промоција на човековите права и мирот преку учење и истражување и Надја Мурад, млада жена која успеала да избега од ИСИС во северен Ирак, и која ја запозна меѓународната јавност со маките на заедницата на Јазидите, се наведува во соопштението.