Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес на прес конференцијата по синоќешната победа над Целје (32:26) рече дека домаќините играле добра одбрана која на неговите избраници им донесе проблеми во првото полувреме.
– Многу е тешко да се игра на овој терен. На почетокот Целје не изненади со одбрана 3-2-1. Не бевме добри во првото полувреме, па ни Штербик не можеше да ни помогне. Но, затоа во вториот дел одигравме одлично, и голманите беа на потребното ниво, одбраната исто. Кога требаше одигравме најдобро и се враќаме дома како победници, истакна Гонзалес.
Најефикасниот ракометар на „црвено-црните“ Мијајло Марсениќ задоволен од конечниот исход.
– Знаевме дека ќе биде различно во однос на мечот од СЕХА лигата. Малку се мачевме во нападот и одбраната во првото полувреме. Но, се подобривме во второто и одигравме онака како што се договаравме на тренинзите во Скопје, нагласи пивотот на Вардар.
По три кола во Лигата на шампионите Вардар има максимални шест бода.