Националната награда за најдобри брзорастечки фирми „Газели“, поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, во рамките на Оперативниот план за програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2016 година, ќе биде доделена денеска во Музејот на македонската борба во Скопје.
Проектен партнер за оваа активност е Бизнис конфедерација на Македонија и Холандската програма за поддршка на работодавачите.
Целта на наградата, како што истакнуваат од Бизнис конфедерацијата, е да го промовира позитивното и успешно работење и да даде инспирација за натамошно унапредување на работењето кај претпријатијата во Македонија, зголемен број работни места, јакнење на домашната економија преку овој вид стимулирање раст на домашните компании и нивно прераснување во „средни компании“.
Националната награда се доделува прва година, а во овој период македонските претпријатија пријавиле 33 апликации, со кои ја покажуваат својата посветеност и успешност во работењето.
Апликациите, додаваат од Конфедерацијата, ги евалуираше стручна жири комисија составена од претставници на институциите кои се вклучени во процесот и претставници од стопанството.