Министерството за одбрана реагираше на денешната прес-конференција на Синдикатот на одбраната и безбедноста и Независниот синдикат на професионални војници во кое наведува дека отсекогаш биле отворени да разговараат за сите прашања кои се однесуваат на вработените во одбраната.
Во соопштението ресорното Министерство посочува дека во исплатата на надоместоците нема никаков застој, односно оти се исплатени закупнините, надоместокот за превоз, надоместокот за трупна служба и надоместокот за одвоен живот.
– Со претставниците на синдикатите неколкупати разговаравме и за барањето за покачување на платите и како што известивме истото е во фаза на разгледување. Министерството за одбрана работи јавно и транспарентно и сиот свој фокус го става на припадниците на Армијата на Република Македонија кои повторно и повторно докажуваат дека се професионалци. Токму затоа и кон буџетот на одбраната се однесуваме максимално домаќински и нема ниту еден денар кој е потрошен непродуктивно. Напротив успеавме во намерата да ги зголемиме надоместоците за трупна служба за припадниците на АРМ на јужната граница за цели 30 проценти, се наведува во соопштението.
Во однос на организираниот превоз, МО информира дека првиот тендер завршил во јули и оти за 25 линии биле потпишани договори со превозниците. – На барање на Генералштабот на АРМ, за одреден број на линии, тендерската процедура е поништена. Исто така на нивно барање Министерството не влезе во преговори за времено продолжување на договорите за превоз за линиите за кои не беше склучен договор, до завршување на новата постапка. Веднаш е почната постапка за втор тендер и електронските аукции се закажани за среда и четврток (12 и 13 октомври) наредната недела, посочува МО.
Оттаму очекуваат претставниците на синдикатите во директна и отворена дискусија, без, како што се наведува, задни намери и политички пресметани потези, заедно да ги решаваат сите отворени прашања. – Како сериозни синдикати, очекуваме тие да бидат проактивни и наместо да преферираат форми на изразување на мислење кои немаат за цел реално и ефикасно изнаоѓање решение, да предлагаат начини и да работат како наши партнери во унапредувањето на стандардот на вработените во Министерството и припадниците на АРМ, наведува МО во реакцијата.