Голманот на македонската ракометна репрезентација Борко Ристовски беше најзаслужниот за третата победа на Барселона во исто толку натпревари од Лигата на шампионите.
На синоќешното гостување кај бундеслигашот Флензбург, Барселона победи со 28:27 (13:11), а Ристовски дуелот го заврши со 16 одбрани.
Дел од успешните интервенции македонскиот голман ги имаше во финишот на дуелот, кога не дозволуваше Флензбург да го намали водството или да изедначи.
Најефикасен на натпреварот беше Ваел Жалуз од Барселона со 8 голови, додека капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров постигна 4 голови. Барселона со оваа победа со максимален учинок е прва на табелата во групата А.
Од македонските екипи во 3.коло попладнево Металург ќе гостува кај Чеховски Mедведи во Русија, додека Вардар во недела ќе игра исто така на гостински терен против екипата на Цеље.