Започна првиот студентски референдум на кој студентите ќе се изјаснат дали СПУКМ ќе биде дел од Универзитетот или пак ќе продолжи да постои како невладина организација.
Референдумот го организира Студентскиот пленум и се одржува на 20 факултети односно 3 помалце од најавеното поради неуспешното формирање комисии на Ветеринарниот факултет, Земјоделскиот факултет и Факултетот за физичка култура.
-Немаше ниту еден пријавен волонтер и во периодот што следува ќе се обидеме да стапиме во контакт со студентите од тие факултети и да им овозможиме да ја изјаснат својата волја на начин кој ќе го договориме заедно, рече Борјан Ефтимов, член на Студентски пленум.
Засега референдумот се одвива во најдобар ред и како што велат од пленумот тие се изненадени од големата излезност регистрирана во утринските часови односно излезноста на поголемите факултети се движи од 50 до 100 додека пак на помалите од 20 до 50 гласови во час.
-Гласањето се одвива позади паравани, имаме обезбедено паравани на сите гласачки места, студентите се легитимираат со индекс или студентска легитимација. Досега немаме никакви проблеми и се надеваме дека денот така ќе продоложи, рече Ефтимов.
Доколку на референдумот студентите изгласаат СПУКМ повеќе да не биде невладина организација, Студентскиот пленум ќе одржи заеднички состанок на кој ќе бидат поканети сите студенти и каде заеднички ќе се одлучува за идните активности.
Виктор Јованов