Убиецот на британската пратеничка Џо Кокс, одбива да одговара на прашањата од судијата, на првото судско сослушување во лондонскиот суд Олд Бејли.
Обвинетиот Томас Меир (53) одбива да зборува и не сака да се изјасни за тоа дали е виновен или не.
Судијата потоа определи дека одбивањето на Меир да се изјасни го смета како неприфакање на вината и значи дека тој се смета себе си за невин.
Меир не беше присутен во судницата на стариот лондонски суд, во центарот на британскиот глаен град, а сослушувањето се одвиваше преку видео линк, од строго обезбедуваниот затвор „Белмарш“ во близината на Лондон, каде е сместен обвинетиот.
Тој е обвинет за убиство и за поседување огнено оружје со цел да изврши напад и ладно оружје.
На 15 јуни, Меир ја нападна пратеничката Кокс и брутално ја уби, со истрели од огнено оружје и со бодежи со нож.
Нападот и убиството се случија во местото Бирстол во областа Западен Јоркшир, во Англија, каде пратеничката присуствуваше на средба со гласачите во својата изборна единица.
Засега не е познат мотивот за бруталното убиство.
Џо Кокс (41) беше пратеничка на опозициската Лабуристичка Партија. Првпат стана пратеник на изборите во мај минатата година.
Пред да влезе во политиката таа работела во неколку хуманитарни организации, меѓу кои „Оксфам“ и „Спасете ги децата“.
Судијата во процесот против убиецот на пратеничката најави ново сослушување за крајот на овој месец, а судењето е определено за средината на ноември.