Велика Британија ќе продолжи да го блокира формирањето на армијата на Европската Унија, бидејќи таа ќе го поткопа НАТО, изјави денеска во Бирмингам британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон, цитиран од британските медиуми.
Франција и Германија се надеваат дека референдумската одлука на Велика Британија да ја напушти ЕУ, како и желбата кон неа да се покаже добра волја при преговорите за Брегзит, ќе го отворат патот за предлозите за заедничка одбрана.
– Напуштањето на ЕУ не значи дека се откажуваме од нашите обврски кон безбедноста на нашиот континент, изјави Фалон на конгресот на британската Конзервативна партија во Бирмингам.
„Ќе имаме водечка улога во НАТО – меѓникот на нашата одбрана, располагајќи следната година со воени сили на источната граница на Алијансата. Но, ќе продолжиме да го блокираме создавањето на европската армија, која едноставно ќе го поткопа НАТО“, додаде тој.