Британскиот премиер Тереза Меј изјави дека во текот на преговорите за Брегзит, нема да има пазарење околу мигрантите од ЕУ, за да се обезбеди слободен пристап до заедничкиот европски пазар.
Ваквата порака што Меј ја испрати до Брисел и до европските лидери, навестува „тврди“ преговори околу заминувањето од Унијата, иако таа од почетокот на своето влегување во Даунинг стрит 10, заговара „уредно и меко“ договарање, објаснувајќи го тоа со намерата на официјален Лондон и понатаму да има одлични односи со своите сојузници во ЕУ.
Во својот настап пред делегатите на редовната, есенска конференција на Конзервативната партија, Меј потврди дека Лондон ќе биде подготвен до крајот на март идната година, да ги почне преговори со Брисел, за раздружување.
Таа беше категорична оти Британија ќе ја „преземе контролата на границата“, мислејќи на блокирањето на слободното влегување на мигранти од земјите на ЕУ, но навести дека земјата ќе се повлече и од Европскиот суд на правдата.
Според нејзините проценки, сите работи околу целосното заминување на Британија од членството во ЕУ, би требало да заврши до почетокот на 2019 година.
Ова е првпат досега, Меј како премиер, да зборува за Брегзит и за владините приоритети, но и јавно да ги прекори сите свои критичари, тврдејќи дека дилемите за тоа какви ќе бидат преговорите со ЕУ, ги шират „оние кои не сакаат да го прифатат резултатот од референдумот“.
Медиумите блиски до конзервативците го величат настапот на Меј, прикажувајќи ја како „жената од челик“ што е малку изменета формулација за „челичната леди“ како што ториевците се уште ја опишуваат Маргарет Тачер.
Лондонски „Тајмс“ сепак ја предупредува Меј дека нема место за еуфорија и дека таа и нејзината влада ќе мораат да прават компромиси околу мигрантите, односно слободното движење на работната сила и трговијата, особено што таа и натаму инсистира дека сака „најслободни можни трговски врски со ЕУ“.
Независни набљудувачи потсетуваат дека „тврдиот“ настап на Тереза Меј, повеќе е упатен за да се стави ред во поделената Конзервативна партија, да се смират „запалените„ евроскептици и антиевропејци, како и да се уверат ториевските гласачи дека „Брегзит навистина значи Брегзит„ отколку да се заплашат Брисел и ЕУ.