Патниците коишто сакаат да го избегнат или намалат непријатното чувство при турбуленциите во авионот, би требало да резервираат билет во средината на авионот, советуваат стручњаците.
Турбуленциите во авионот не се пријатни, особено за оние кои имаат страв од летање или имаат чувствителен желудник. Сепак, не се тресе подеднакво во сите делови од авионот, па затоа експертите испитуваат и советуваат каде е најдобро да се седи за турбуленциите најмалку да се чувствуваат.
„Всушност најмалку движења чувствувате во средината од авионот“, објаснува професорот Андреас Штрохмаер од институтот за аеродинамика при универзитетот во Штутгарт.
Авионот најмалку се клати на местото каде што крилата се споени со трупот, па патниците сместени близу средината на авионот имаат најмало чувство дека леталото занесува.
Од друга страна, пак, турбуленциите најмногу се чувствуваат во опашката од авионот. Кога пилотот управува со вертикалните стабилизатори, патниците на самиот крај од авионот може да имаат чувство дека тој е потргнат, особено поради тоа што надворешната школка на авионот е помалку еластична. Оттаму, чувството се засилува при турбуленциите.
Седиште во опашката од авионот е помалку пожелна и во текот на полетувањето. „Кога авионот ќе го подигне носот, патниците на крајот од авионот имаат чувство дека паѓаат во лифт“, вели Штрохмаер.
Но останува уште едно прашање, имено кога седите на средината од авионот дали е подобро да се биде поблиску до преминот или прозорецот? „Седењето до прозорецот го засилува чувството на подигнување или спуштање кога авионот ќе започне со свртувањето“ вели професорот.
Меѓутоа, за оние коишто се плашат од летањето, често е подобро да седат до прозорецот за да го гледаат хоризонтот, што може да им ја ублажи мачнината, бидејќи очите така имаат точка во далечината на којашто се концентрираат. Затоа, за оние кои се нервозни од летот седиште до прозорец во средината на авионот е најдоброто решение.