Францускиот автопроизводител „Рено“ разви нова верзија на својот најпродаван електричен модел пред настапот на Парискиот автосалон.
Првите информации за моделот се појавија во јавноста уште пред официјалната премиера, а најважна новост е дека верзијата со продолжен радиус на движење „Зои ЗЕ 40“ има батерија со капацитет од 41 киловат часови, со што ќе може да мине и до 400 километри пред автомобилот да остане без струја.
Сепак треба да се има предвид дека оваа проценка се темели на Новиот европски возен циклус (НЕДЦ), актуелен стандард за споредба на возната автономија на различни возила, за кој се смета дека пружа нешто по оптимистички резултати од американскиот ЕПА стандард.
„Рено“ тврди дека во реални услови на експлоатација „Зои ЗЕ 40“ ќе може да помине околу 300 километри без запирање за полнење на батеријата.
Новиот пакет на батерии е развиен во компанијата „ЛГ Кем“, а нивната маса и запремнина е иста како кај пакетот со капацитет од 22 киловат часови. Тоа е постигнато благодарение на оптимизацијата за пакување на ќелиите на батериите, со што е зголемена нивната енергетска густина, наместо едноставно да се додадат нови модули кои би заземале поголем простор во возилото, но и би влијаеле и на зголемувањето на вкупната маса на автомобилот.
Освен извршените интервенции на батериите, новата „Зои“ е опремена и со силен електромотор кој испорачува 88 коњски сили, што е за 11 коњски сили повеќе од претходната верзија. Со оглед на тоа дека документот со спецификациите се појави од Холандија, позната е и цената за тој пазар – 31.890 евра.
Во продажба ќе се задржи и стариот модел, со батерија од 22 киловатчасови и автономија до 240 километри.
„Рено Зои“ е најпродаван европски електромобил со 18.453 продадени примероци во 2015 година.