Откако се заглавила поради паднато дрво како последица на силното невреме, животот го загуби 21-годишна девојка во Девон, Велика Британија.
Полицијата соопшти денеска дека сите обиди да и се помогне на девојката не успеале и таа починала од тешките внатрешни повреди.
Засега нема информации за повредени или загинати од силниот ветер, што ги зафати јужните и југозападните области од Англија, а се почувствува и во Лондон.
Ветерот што на моменти се движеше со брзина од 140 километри на час откорна повеќе дрвја, блокирајќи притоа дел од локалните патишта, додека силниот дожд што врнеше во текот на вечера и продолжи преку целата ноќ придонесе за нагло зголемување на нивото на реките и речните канали кои се излеваат во повеќе делови од Англија и во јужните делови од Велс.
Агенцијата за заштита на човековата околина соопшти за опасноста од потенцијално две големи поплави, на две локации, со можни катастрофални последици, како и за 220 помали закани од излевање на водата од реките и речните канали во јужен Велс и во централниот дел од Англија, во Мидлендс.
Според Агенцијата постои закана од поплави и на уште 266 други локации. Возачите се предупредуваат да бидат мошне внимателни при тргнувањето на пат, а посебно во зоните кои се опишани како потенцијални локации за поплави.
Предупредувањето доаѓа по вчерашната несреќа, во која загина еден возач откако со возилото беше заробен од надојдените води.
Спасувачките екипи вчера и синоќа реагираа во Девон, каде беа евакуирани 60 луѓе и во Корнвол каде се интервенираше на извлекувањето на други 80 жители, заробени во своите поплавени домови.
Посебна операција е изведена во историскиот град Малмсбари, каде водите на надојдената река Евон предизвика поплави во делови од градот.
Премиерот Дејвид Камерон изјави денеска на Твитер дека е „шокиран“ од она што видел во поплавените реони и вети брза владина интервенција за помош на луѓето погодени со лошото време.