Општина Пехчево објави оглас за продажба на 27 плацеви за изградба на објекти од кои 26 се на туристичкиот локалитет Равна Река за изградба на викенд куќи и еден хотел, а еден плац е за изградба на куќа во градот Пехчево.
Како што истакна денеска Живко Каликов соработник за односи со јавност од Општина Пехчево, јавното наддавање е најавено за 7 ноември, а право на учество имаат сите физички и правни лица.
– Почетната цена на електронското јавно наддавање за градежните парцели изнесува 148,00 денар од метар квадратен, истакна Каликов.
Досега на овој туристички локалитет, Општина Пехчево има продадено 20- тина плацеви на два огласи од општината.
– Интересот за изградба на викенд куќи во оваа туристичка населба е голем, посебно сега откако населбата е елкетрифицирана. Овде и досега имаше 50-ина изградени индивидуални викенд куќи, кои се во сопственост и на жители од Пехчево, од Штип од Скопје, односно од цела Македонија, рече Каликов.
Инаку, според ДУП на Равна Река, во населбата се предвидени околу 350 градежни парцели за индивидуални вкенд куќи, хотли и ресторани.