Женската сениорска репрезенација на Македонија во борбата за петтото место на 15-то меморијално издание на меѓународниот турнир “Турчин куп“ во Киев, загуби од селекцијата на Чешка со 32:22 (21:12).
Нашите ракометарки се враќаат со три порази од Украина, претходно во групната фаза ги загубивме дуелите со репрезентациите на Украина (29:34) и Унгарија (28:33). Победник на овој турнир е селекцијата на Унгарија која во финалето ја совлада Холандија со 29:22.
Избраничките на селекторот Гино Стрезовски се враќаат во Скопје, каде што ќе следи и финалната фаза на подготовки за настапот на Европското првенство во Ниш, Србија (4-16 декември). Да потсетиме, Македонија е во Б групата со Шведска, Данска и Франција.