Во пожарот што избувна во текстилна фабрика во главниот град на Бангладеш загинаа најмалку 112 луѓе. Портпаролот на противпожарната служба Мохамед Махбуб изјави денес дека пожарот во седумкатната зграда избувнал доцна во ноќта, а пожарникарите до недела наутро, извадиле 100 тела.
Уште 12 лица подлегнаа на повредите здобиени кога, во обид да се спасат од огнот, скокнале од зградата.
Пожарникарите се уште ја пребаруваат зградата па бројот на жртвите може да биде и поголем.
Според извештаите на локалните медиуми, во пожарот загинале 124 луѓе. Работници кои се засолниле на покривот се спасени, но пожарникарите не успеале да ги извлечат оние кои биле заробени во внатрешноста на зградата, каде што не постоел излез за случај на опасност.
Пожарот, чија причина се уште е непозната, избувнал на приземјето, кое се користи како магацин, и брзо се проширил на горните катови. Властите започнаа истрага.
Со фабриката управува компанијата Tazreen Fashions, а се наоѓа во предградието на градот Дака.Во Бангладеш има околу 4.000 фабрики кои произведуваат облека за светски брендови како што се Wal-Mart, JC Penney, H&M, Marks and Spencer, Carrefour i Tesco, а државата од извоз на тие стоки годишно заработува околу 20 милијарди долари.