Палестинските власти не лиферуваа официјално соопштение по повод смртта на поранешниот претседател на Израел Шимон Перес, додека исламистичкото движење Хамас коментира дека се „среќни за смртта на злосторникот“.
Портпаролот на Хамас, Сами Абу Зухри изјави дека „палестинскиот народ е среќен поради смртта на злосторникот“.
– Шимон Перес беше еден од последните основачи на израелската окупација. Неговата смрт означува крај на една ера во историјата на израелската окупација, истакна Зухри.
По повод смртта на Перес, на палестинската територија објавена е само куса вест, но нема официјална реакција, јавува Танјуг.
Поранешната портпаролка на палестинските автономни власти Дијана Бути на Твитер напиша дека „Перес бил злосторник кој никогаш не се покајал“ и дека „ревизионистичката историја нема да делува“.
Поранешниот претседател на Израел и добитник на Нобеловата награда за мир Шимон Перес почина утрово, во 93. година од животот.