Откако се појави проблемот околу удвојувањето на терминот за настап на интернационалната сцена на две наши екипи, ракометниот клуб Металург и кошаркарската екипа на МЗТ Скопје, денеска со свој став се јави и раководството на СЦ „Борис Трајковски“ каде на 1. декември треба да се играат два натпревари, еден во рамките на ракометната Лига на шампиони и еден во АБА лигата во кошарка.
Од СЦ „Борис Трајковски“ јавуваат, испровоцирани од претходното соопштение на РК Металург во кое се вели дека „многу фактори во државата задолжени за поддршка на спортот немаат вистински сенс за натпреварите кои Металург ги игра во Лигата на шампионите и резултатите што ги постигнува во изминатите две години. Наместо поддршка и брзо и лесно решение за настанатиот проблем, Металург е соочен со исклучивост и тврди ставови од сите инволвирани страни, притоа под силна пресија да го смени терминот за одигрување во сериозно натпреварување како што е Лигата на шампионите“.
Токму по ова своја реакција до јавноста испратија и од СЦ „Борис Трајковски“ која во целост ви ја презентираме:
Согласно со потпишаниот договор (арх.бр 3/248) на ден 22.08.2012 со КК МЗТ Скопје, и потпишаниот договот (арх.бр 3/277) на 01.10.2012 со Р.К Металург, Ве известуваме дека натпреварот на K.K МЗТ Скопје со К.К Шолнок е предвиден да се одржи на 01.12.2012, додека натпреварот на Р.К Металург со Р.К Шамбери во ракометната Лига на шампиони е предвиден да се одржи на 02.12.2012. Поради налог од страна на EHF терминот на Р.К Металург е променет и истиот е закажан за на 01.12.2012 во 18:00 часот.
Ова е веќе второ искуство кое го имаме со Р.К Металург, кога имаме две организациски активности во еден ден за краток временски период.
Согласно со договорот од морален и етички, како и од административно технички аспект, датумот 01.12.2012 е букиран од страна на К.К МЗТ Скопје.
Врз основа на горенаведените факти Р.К Металург нема право на реакциите кои ги пласира до јавноста, бидејќи сме во постојана телефонска комуникација, во која гледаме да најдеме соодветно решение Р.К Металург да игра на 01.12.2012, согласно со налозите на EHF.
Ова не е наша вина, ниту пак на К.К МЗТ и Р.К Металург, но сега ние како Спортски центар сме тие кои ќе треба да бидат медијатори и организатори на настанот.
Пренесено е на двата клуба, доколку има можност натпреварот на Р.К Металург со Р.К Шамбери да започне еден час порано, и натпреварот на К.К МЗТ со К.К Шолнок да започне еден час подоцна, ние сме спремни да ги реализираме двата натпревара во еден ден. Пред кратко време дир.Ратко Капушевски разговараше со раководството на Р.К Металург и тие ветија дека ќе успеат да преговараат со EHF да се помести натпреварот еден час порано, а конечниот одговор ќе го имаме во понеделник.
Жалиме што Р.К Металург има пласирано соопштение до јавноста со емотивен став, иако истите имаат искуство за нашата професионалност на организирање кога имавме два настана, конгрес и натпревар од Лигата на шампиони во ист ден кои беа на временски дијапазон од 2 часа. Како што се радуваа тогаш, убедени сме дека и овој пат ќе биде истото.
Р.К Металург е гордоста на македонскиот спорт, а ние како компанија секогаш ќе бидеме нивни стратешки партнери. СЦ Борис Трајковски никогаш до сега не прекршил ниту една облигаторна форма која произлегува од договорот за закуп, со било кој клиент кој ги користи услугите на центарот.
Доколку Р.К Металург смета дека раководството на СЦ Борис Трајкосвки е виновено, во прилог на соопштението нека го приложи договорот за закуп кој го има склучено со СЦ Борис Трајковски.