Македонија домаќин на Јуниорската балканска олимпијада по информатика

Од:

Македонија в понеделник и вторник ќе биде домаќин на 10. Јуниорска балканска олимпијада по информатика за деца до 15,5 годишна возраст што се одржува во организација на Здружението на информатичари на Македонија со поддршка на Министерството за информатичко општество и администрација.

На Олимпијадата ќе учествуваат 39 учесници од девет земји, односно по четири учесници од секоја од земјите, а Македонија ќе биде претставена со два тима.

– Балканската олимпијада, како и сите претходни квалификациски натпревари на училишно, локално, регионално и национално ниво овозможуваат голем број ученици уште од најрана возраст да навлезат во тајните на програмирањето, да се поттикне нивната иновативност и натпреварувачки дух и да се развие нивниот интерес за кариера во ИКТ секторот, рече министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска на денешната прес-конференција.

Таа нагласи дека е особено важно младите таленти да бидат препознаени уште од најмала возраст за да им бидат обезбедени услови за развој, а натпреварите како Балканската олимпијада, додаде, претставуваат одлична можност во таа насока.

– Еден од главните приоритети на Владата на полето на информатиката е до 2020 година да го удвоиме бројот на остручен ИТ кадар кој излегува од македонскиот образовен систем со оглед на тоа што оваа професија е дефицитарна и овозможува сигурно вработување, рече Арсовска Томовска.

Нагласи дека во 2006 година во Македонија имало само 400 компании од областа на информативно комуникациските технологии, а во моментов има нешто повеќе од 1.600 домашни и странски субјекти во оваа област. Во 2006 во ИКТ компаниите работеле близу 1.900 вработени, а денес тие вработуваат над 15.000 лица.

Арсовска Томовска истакна дека информатиката е нашата најнаградувана научна дисциплина на меѓународно ниво и посочи дека во последните пет години македонските ученици освоија 35 медали на светските и балканските олимпијади по информатика, од кои 10 медали на Интернационалната олимпијада, 13 на Балканската олимпијада и 12 на Јуниорската балканска олимпијада.

Од следната година, како што рече Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија, се планира Балканската јуниорска олимпијада да се прошири најмалку на европско ниво.

Би можело да ве интересира

Македонски ученици освоија три бронзени медали на Интернационалната олимпијада по информатика

Ана Ололовска

Бронзен медал за македонските млади информатичари на Европската јуниорска олимпијада по информатика одржана онлајн во Грузија

Ана Ололовска

Два освоени медала на 13. Јуниорска балканска олимпијада по информатика

Ана Ололовска

Балканска олимпијада во информатика во Скопје

Ана Ололовска

Во Штип „DigiGirlz“ караванот на Мајкрсофт Македонија

Ана Ололовска

„DigiGirlz“ – можности девојките да станат дел од ИТ-светот

Ана Ололовска