Ракометарите на македонскиот вицешампион „Металург“ го забележаа и третиот пораз во СЕХА лигата откако попладнево на домашен терен загубија несреќно од „Мешков Брест“ со 25:24. За екипата од Белорусија ова беше втора победа и се проби на третото место на табелата зад „Вардар“ и „Цеље“.
Во изедначеното прво полувреме гостите од Белорусија имаа водство и од два гола, но резултатот најчесто беше нерешен (осум пати). „Металург“ на полувремето изедначи (11:11) со голот на Милош Драгаш во последната секунда од првото полувреме.
На почетокот на вториот дел „Мешков Брест“ резултатски „се одлепи“ на четири гола разлика (20:16), а македонскиот вицепрвак сепак успеа да изедначи во 49.минута на 21:21. Во завршницата беа постигнати малку голови. Најпрвин во последнта минута Растко Стојковиќ постигна гол од седмерец за 25:24 за „Мешков Брест“ што се покажа како решавачки, а последниот напад на „Металург“ заврши во блокот на противничките играчи.
Кај „Металург“ Никола Костески со 7 голови и Филип Талески со 6 беа најефикасните.
На вториот натпревар одигран попладнево „Извиѓач“ – „Цеље“ 31:32, додека вечерва се игра и натпреварот „Нексе“ – „Татран Прешов“.
Табела: „Вардар“ 10 бодови, „Цеље“ 9, „Мешков Брест“ 7, „Веспрем“ 6, ППД „Загреб“ 3, „Горење“ 3, „Металург“ 0, „Татран Прешов“ 0, „Нексе“ 0, „Извиѓач“ 0.