Македонската одбојкарска репрезентација од утре ги почнува квалификациите за Европското првенство 2017. На првиот квалификациски турнир нашата репрезентација ќе одгра три натпревари во Крајова, а прв ривал ни е домаќинот Романија.
Македонските одбојкари веќе се наоѓаат во романскиот град, а селекторот Николај Жељасков за овие квалификации ќе смета на следните 12 играчи: Филип Деспотовски, Ѓорѓи Ѓоргиев, Ангел Николов, Никола Ѓоргиев, Дејан Симовски, Владо Милев, Александар Љафтов, Иван Андонов, Васе Михаилов, Дарко Ангеловски , Ѓоко Јосифов и Ристо Клопчески.
Распоред на натпреварите на првиот турнир:
15.септември (четврток): Естонија – Чешка и Романија – Македонија.
16.септември (петок): Чешка – Македонија и Естонија – Романија.
17.септември (сабота): Македонија – Естонија и Чешка – Романија.
Натпреварите од вториот турнир се играат од 23 до 25.септември во чешкиот град Јаблонец.
Пласман на Европското првенство ќе обезбеди првопласираната репрезентација од групата, додека втората селекција ќе игра бараж.