ВИДЕО: Цел Центар ќе блесне и навечер

Од:

Градоначалникот и советниците на општина Центар, на денешната прес конференција најавија нов и амбициозен проект за модернизација на системот на јавно осветлување. Ќе се воведе ЛЕД технологија на улично осветлување, со современи техники на управување и надзор.

Со ова, граѓаните на Центар ќе добијат безбедност, економичност, автоматски систем за регулација и детекција на дефектите, отстранување на нелегалните осветлувања, усмерена светлина, која нема да пречи на станарите од пониските спратови и заштита на животната средина.

Еве што Жерновски кажа на прес-конференцијата:

“Живиот и динамичен сообраќај  во срцето на градот носи и свои предизвици. Еден од проблемите со кои континуирано се соочуваме е соодветното осветлување на јавните површини. За жал, со сегашната состојба на системот за јавно осветлување, не бевме во можност да создадеме услови какви што заслужуваат нашите граѓани. Застaрените системи, недоволната застапеност на канделабри и старите светилки претставуваа голем проблем за општина Центар

Токму затоа, донесовме одлука за модернизирање на системот за јавно осветлување. Воведуваме ЛЕД технологија на улично осветлување, со современи техники на управување и надзор. Благодарение  на нивните бројни предности, ЛЕД светилките се сметаат за тренд во современото јавно осветлување.

Бенефитите од оваа крупна инвестиција во инфраструктурата се на повеќе нивоа. Што всушност ќе добијат граѓаните?

  1. Безбедност – целосна осветленост на јавни објекти, училишта, градинки, игралишта

Во изминатите години го вративме животот во бројни запуштени делови на Центар. Обновивме зелени површини, изградивме  и реконструиравме улици, детски игралишта и паркови. Сега, преку целосно осветлување на општината ќе им овозможиме на граѓаните да се чувствуваат безбедно. Со новото осветлување:

–           Ќе се осветлат сите училишта и градинки на територијата на општината. Ќе ги заштитиме од деликвенција и оштетувања. Ќе се превенираат разбојнички напади и други форми на насилство и криминал

–           Ќе се осветлат улички и места кои во моментов не се осветлени. Ќе се постават нови светла на нови позиции.

–           Ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и видливоста на улиците

  1. Економичност – заштеди од 60 до 80% за трошоци на електрична енергија и одржување

ЛЕД технологијата нуди значајна заштеда на електрична енергија. Општината со новото осветлување ќе штеди од 60% до 80% од трошоците за енергија на годишно ниво. Целокупниот проект е проценет на 2,081,000 ЕУР. Заштедата од замената е проценета на 3,850,000 ЕУР. Ова значи дека модернизацијата на опремата за осветлување ќе донесе заштеда од 1,769,000 ЕУР во следните 16 години колку што е вечноста на светилките. Секоја година општината ќе штеди минимум 250.000 евра.

Второ, можноста за регулирање на светлината дава додатна заштеда во потрошувачката на енергија и подолг век на траење. Обновување на системите за осветлување  исто така ќе ги намали трошоците за одржување. И најбитно, оваа инвестиција ќе овозможи  попрецизно планирање на буџетот, и ослободување на буџетски средства за други витални проекти.

  1. Автоматски систем за регулација и детекција на дефекти

Отсега, ќе можеме да управуваме со интензитетот на светлина во зависност од периодот на денот односно ноќта. Ќе имаме интелегентен систем за автоматски надзор и управување.  Системот ќе алармира за сите настани дефекти, што  значи дека граѓаните ќе нема потреба да ги пријавуваат дефектите а дефектите ќе бидат отстранувани во најкус рок. Регулирајќи ги светилките во парковите, ќе можеме да создадеме поубав амбиент. И секако, унифицирањето на светилките низ општина Центар ќе и даде подобар естетски изглед на целокупната територија.

  1. Ќе се отстранат нелегалните поврзувања

Преку физибилити студијата се открија бројни нелегални поврзувања на мрежата на општина Центар. Освен приватни лица кои незаконски биле приклучени, се открија и поголеми комерцијални субјекти кои трошеле енергија за која плаќале граѓаните на општината. Со поставување на новиот систем, сите овие незаконски поврзани субјекти ќе бидат исклучени и дополнително ќе се штеди.

  1. Усмерена светлина која нема да смета на станарите од пониските спратови на зградите

Голем проблем за центарци претставуваа и уличните светилки кои силно светеа ноќе во домовите на граѓаните. Со новиот систем овој проблем целосно ќе биде надминат. Имено, новите светла прецизно може да се насочат кон улиците, без притоа да светат во широк дијапазон на прозорците од зградите. Исто така, новите светла имаат неколку пати поширок лак под кој ја фрлаат светлината. Така, на веќе постоечките канделабри со замената ќе се добие неколку пати посилно и пошироко осветлување, но насочено онаму каде што е потребно.

  1. Ја штитиме животната средина

ЛЕД технологијата не само што ќе ни овозможи заштеда и подобар квалитет на осветлување, туку и ќе ја заштити животната средина, преку употребата на природни материјали и намалување на светлосното загадување. Се надеваме дека со овој проект ќе придонесеме за севкупно подобар квалитет на живот на граѓаните на општина Центар и на нејзините секојдневни посетители. “

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории