Светската анти-допинг агенција на сестрите Вилијамс, Серена и Венус, им дозволила да користат недозволени суспстанци, откри во вторникот хакерската група Fancy Bear. Како што се наведува понатаму, на допинг тестот паднала и гимнастичарката Симона Билс, но успеала да ја избегне дисквалификацијата.
Хакерската група Fancy Bear, објави дека на Серена Вилијамс и било дозволено да користи забранети супстанци какви што се оксикодон, хидропорфон, преднизон и метилпреднизолон во 2010, 2014 и 2015 година.
Нејзината постара сестра Венус, наводно, употребувала преднизон, преднизолон и тријамцинолон во периодот од 2010 до 2013 година.
Документите кои ги објавува хакерската група не откриваат какви дијагнози имале спортистите на кои Светската анти-допинг агенција (WADA) им дозволила да ги употребуваат споменатите супстанци.
Симона Билс, која неодамна на Олимписките игри во Рио де Жанеиро, освои четири златни медали, била позитивна на допинг тест направен минатиот месец, но не била дисквалификувана од ОИ. Исто така на Билс во 2013 и 2014 година и било дозволено да користи недозволени супстанци.
WADA во ноември минатата година објави извештај во кои ги обвини руските спортисти за системски допинг со помош на државата. Поради тоа на руските атлетичари им беше забрането да учествуваат на Олимписките игри, додека целиот руски тим е суспендиран од Параолимписките игри.
За потсетување, Меѓународната тениска федерација, во јуни, ја суспендира Марија Шарапова, бидејќи во јануари на допинг тест било утврдено дека ја користела забранетата супстанца мелдониум.