По триумфот над Веспрем во саботата со 29:22, ракометарите на Вардар ги очекува нов дерби дуел со хрватскиот претставник Загреб кој заедно со „црвено-црните“ се единствените екипи што досега настапиле на сите Ф4 турнири во СЕХА лигата.
Раул Гонзалес, тренерот на Вардар посакува повторување на играта од дуелот со унгарскиот шампион.
– Одигравме добар натпревар против Веспрем, затоа треба да ја повториме таа игра и на утрешниот меч. Знаеме дека ќе биде тешко против Загреб, бидејќи тие има добар тренер и играчи, ја користат секоја грешка и имаат брз контра-напад. Очекувам добар ракомет, денес ќе го одработиме последниот тренинг по што ќе знаеме кој ќе биде составот кој ќе истрча на теренот во вторник.
Капитенот Стојанче Стоилов очекува борбен натпревар.
– Загреб е една од екипите која најдобро ја познаваме, заедно сме во СЕХА лигата од самото формирање. Тие имаат тренер кој одлично нè познава, но и ние него. Натпреварот ќе биде динамичен и борбен. ППД Загреб е квалитетна и незгодна екипа, тоа го потврдија и минатата сезона во СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Ако ја повториме играта против Веспрем можеме да очекуваме позитивен резултат, вели Стоилов.
Вардар и Загреб досега одиграле 14 натпревари во СЕХА Газпром лигата во претходните пет сезони. На седум натпревари се радувал Вардар, а еден меч завршил со реми. Во мечевите од регуларниот дел од сезоната, од девет мечеви, четири завршиле во корист на „црвено-црните” и исто толку за Загреб.
Хрватскиот првак досега само еднаш успеал да победи во Скопје, и тоа во финалето на Ф4 турнирот во 2013 година по продолжение. Во регуларниот дел од сезоната секогаш во Скопје победувал Вардар.
Натпреварот во СЦ „Јане Сандански” е закажан за утревечер во 17:45 часот.