Британскиот премиер Тереза Меј побара повеќе време за раздружувањето на Велика Бритаија од ЕУ.
На денешната средба во Даунинг стрит 10, со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, таа рекла дека сака „рамномерен и мазен„ процес на Брегзит.
Премиерот Меј притоа, одново ја повторила својата позиција дека на Британија и треба време и дека отворањето на процесот за раздружување, според член 50 од Лисабонската спогодба, ќе почне тогаш, кога земјата ќе биде подготвена.
Претходно, таа има изјавено дека преговорите со Брисел, нема да почнат пред крајот на оваа година, оставајќи го отворено прашањето за тоа, дали Лондон ќе може да биде подготвен и на почетокот од 2017 година.
Туск од своја страна на Меј и ја пренел пораката на 27-те членки на ЕУ дека во интерс на сите е преговорите за Брегзит да почнат што е можно поскоро.
„Топката сега е во вашиот двор“, рече Туск.
Лондонската средба на Меј и Туск доаѓа пред Самитот на ЕУ, идната недела во Братислава, на кој Британија нема да учествува.
Според претседателот на Европскиот совет, на Самитот во словачкиот главен град, нема да се разговара за идните европско-британски односи, затоа што Унијата се уште нема добиено формално барање од Британија за повлекување.
Туск и порачал на Меј дека земјите од ЕУ сакаат еден „кадифен развод„ со Британија, како и дека Унијата сака да има со Лондон „најтесни можни односи„ но и дека нема да има никакви прет-преговори за Брегзит.
Посматрачите во Лондон оценуваат дека сега на Тереза Меј останува да обезбеди консензус во својата влада, откако стана јасно дека министрите се поделени околу тоа кои треба да бидат целите на на преговорите.
На вчерашната дебата во Долниот дом во британскиот Парламент, премиероот Меј ги отфрли барањата од опозицијата, но и од пратеници од нејзината Конзервативна партија, за тоа да ги открие насоките на идните преговори со ЕУ и посебно на идните идноси со Унијата.