Доскорешниот бразилски претседател Дилма Русеф ја напушти претседателската палата во главниот град Бразилија, по нејзиното отповикување од функцијата.
Сенатот на Бразил со уверливо мнозинство , изгласа импичмент за Русеф, отако таа беше обвинета за манипулација со државниот буџет и вистинскиот долг на државата, што се случило пред последните претседателски избори.
Таа победи на тие избори со тесно мнозинство и обезбеди втор претседателски мандат кој трае до почетокот на 2019 година.
При напуштањето на претседателската палата, првата жена претседател на Бразил, беше поздравена од нејзините подржувачи, од гласачите на Работничката партија која управувеше со земјата 13 години, како и од конгресмени и сенатори од оваа партија.
Русеф замина за Порто Алегре, каде одлучи да живее по отповикувањето како шеф на држвата.
Нејзин наследник на функцијата е Мишел Темер кој претходно беше потпретседател, а додека во Сенатот траеше постапката за импичмент, беше вршител на претседателската функција.
Според бразилскиот Устав, Темер како нов претседател ќе го отслужи мандатот на Русеф кој истекува на 1 јануари 2019 година.
Сменетата претседателка најави жалба до Врховниот суд и побара нова постапка за импичмент.
Во текот на постапката, таа се бранеше дека не сторила ништо незаконски и ја обвини опозицијата дека со нејзиното трагање од функцијата, извршила „државен удар„ против демократијата.
Политичките аналитичари во Бразил, меѓутоа, тврдат дека Русеф има минимални шанси да ја собори на суд одлуката на Сенатот за нејзниното отповикување.