Некогаш и најцврстиот челик се топи кога е соо­чен со силен оган

Од:

Том О`Бранаган со нов пост за Mеталург на блогот ЕХФ.

Само што се вратив од земјата на златното сонце. Ја сакам Македо­нија. Го сакам нивното пиво, прекумерната употреба на сирење во голем дел од јадењата, го сакам клубот, навивачите и сите луѓе.

Тие се однесуваат кон вас како што би се однесувале кон пријател и навистина не можете да барате повеќе од тоа, како странец во не­позната земја. Исто така, јас сум милионер, сметајќи во денари. Добро, можеби не баш милионер, но мојата банковна смета секако би имала повеќе нули на крајот.

Дуелот помеѓу Металург и Киелце за врвот на групата Ц почна како натпревар во куглање. Никогаш дотогаш не сум видел толку многу прекршоци во напад во првата минута од еден меч.

Секогаш кога имаше контранапад, некој од играчите ќе добиеше удар и ќе се испружеше на подлогата. Тоа се случи трипати во рок од 20 секунди, по што и публиката ја согледа смешната страна, безмалку викајќи „оле“, како да се наоѓа во корида.

Ракометарите на Киелце стигнаа во Скопје во петокот, откако патуваа 22 часа со автобус и чудо само по себе е што успеаја да закрепнат навреме за да играат толку тежок меч со Металург. „Момците во жолто“ дури дејс­твуваа изненадувачки опуштено пред дуелот.

Но не се работеше за надменост. Тоа беше повеќе чувство оти „Металург е силна екипа, особено кога игра во арената ’Борис Трајковски’, во која е тешко да се дојде до победа, така што ќе мораме да дадеме сѐ од себе, па ќе видиме што ќе се случи“.

Металург, пак, изгледаше како да носи тешко бреме од притисокот врз нив. Тие знаеја дека сонот на градот и на нацијата што го обожава ракометот е на нивен дофат. И мораа да „газат“ внимателно, за да не го „погазат“ тој сон.

Доколку се обидете да напишете Металург на вашиот мобилен телефон, тој автоматски ќе го прикаже зборот „металургија“. Интересно е што момците од Металург се цврсти како челикот од големата металуршка компа­нија што е нивни спонзор.

Но некогаш и најцврстиот челик ќе се стопи кога е соочен со силен оган, а тројца играчи на Киелце беа во особено „жешка“ форма вечерата. Славомир Шмал покажа светска класа на голот, додека и Дарко Станиќ кај Металург беше многу добар. Жељко Муса ги одбиваше силните налети на Металург, чиј напад на моменти комплетно го запре.

А тука беше и малиот волшебник Иван Чупиќ. Можеби знаете дека тренерот на Металург Лино Червар некогаш беше познат под прекарот Волшебникот од Умаг, но во неделата имаше само еден волшебник што го осветли теренот со неговиот магичен начин на игра.

Ниту чудесниот Филип Миркуловски не можеше да влезе во својот вообичаен ритам и стил на игра, но крило­то-волшебник Чупиќ го стави својот печат врз натпреварот.

Видете го неговиот гол постигнат од 12 метри, неговиот удар од крило во завршницата, кој придонесе за пора­зот на Металург, неговата способност да забележи додавање, да ја задржи смиреноста и во моментите кога си­те околу него ја губат. Тој е 10 чекори пред сите други.

Еден од повпечатливите моменти се случи кога Чупиќ успеа да ја додаде топката до свој соиграч на линијата од шест метри и покрај тоа што беше под силен прекршок по кој судијата ја прекина играта.

Замислувам дека му кажа на судијата „слушај, дури и кога лежам на паркетот свртен на грб, без можност да ја додадам топката, јас ќе најдам некој од моите соиграчи“. Тој е навистина неверојатен.

Богдан Вента состави голема екипа за оваа сезона. Киелце изгледа силно во сите линии и има по две опции за секоја позиција, освен на голманската. Но и тоа ќе се смени во новата година, кога голманот Вењо Лосерт ќе добие право на настап во Лигата на шампионите. Тогаш ќе можеме да го сметаме овој тим за кандидат за учество на фајналфор-турнирот.

Ќе биде неправда доколку не ги пофалиме и момците од Металург. Беше очигледно дека Наум Мојсоски не е комплетно здрав и подготвен. Червар немаше кого да уфрли во игра при крајот на мечот, Вугринец (кој потсе­тува на Д’Артањан, еден од тројцата мускетари) играше до своите крајни граници, постигнувајќи седум гола, а Младен Ракчевиќ го почна мечот со светлосин дрес, кој на крајот стана темносин, натопен од пот.

Тие се бореа со „жолтата плима“ од Киелце и загубија, но нивниот тренер не можеше да бара ништо повеќе од нив. Дури и во последните моменти од мечот, кога Киелце повеќепати им го подари поседот на топката, кога тие веќе немаа енергија да трчаат, додаваат или шутираат. Тие дадоа сѐ од себе, што нивните навивачи знаеја да го ценат.

Веќе и претходно ги спомнував навивачите на Металург, кои чекаа во редици за да ги купат 7.000-те билети, кои не беа достапни преку Интернет. Толку се приврзани со нивниот тим, го туркаат напред, бодрат и нико­гаш не го напуштаат. Тие се вистински навивачи, кои и во поразот сфатија дека нивната екипа го даде макси­мумот.

Металург сигурно ќе им прикаже уште возбудливи моменти до крајот на сезоната. Мојот највозбудлив момент – јадењето џимиринки, вид пржени парчиња свињско месо, кои се превкусни.

Би можело да ве интересира

Романса на теренот: Босанска ракометарка запросена по натпреварот во Белгија

Предраг Петровиќ

Вардар прв финалист на Струшкиот ракометен турнир

Еурофарм Пелистер убедлив против домаќинот Струга на отворањето на Меѓународниот Струшки ракометен турнир

Норвешките ракометарки по трет пат станаа олимписки шампиони

РФМ: Благодарност до македонската ракометна јавност

Раководството на РФМ оствари средба со женската сениорска репрезентација

Предраг Петровиќ