Пратеникот на британската Лабуристичка партија и претседател на Комисија за внатрешна политика, Кит Ваз поднесе денеска оставка, откако лондонските весници открија дека имал тајна врска со машки проститутки.
– Жалам околу сите овие најнови настани, но е невозможно и понатаму да бидам претседател на Комисијата, изјави Ваз во својата оставка.
Неделникот „Сандеј мирор“ објави во неделата слики на кои се гледа Ваз со две машки проститутки, снимени во неговиот стан во Лондон.
Во тајно снимениот разговор на пратеникот со проститутките се слуша како се расправа и за користењето дрога.
Денешен „Дејли мирор“ како и другите британски весници бараа од Ваз да поднесе оставка на функцијата во парламентраната комисија, а веројатно е дека од него ќе се бара и да се повлече од пратеничката функција.
Случајот на Ваз кој досега важаше за еден од поугледните британски пратеници, предизвика голем публиците во британската јавност.
Претставник на Парламентот изјави дека случајот на овој пратеник „најверојатно ќе и биде предаден и на полицијата“ на натамошна истрага.
Премиерката Тереза Меј ја оправда оставката на Ваз објаснувајќи дека домашната јавност мора да има доверба во своите политичари.
Лидерот на лабуристите Џереми Корбин изјави дека станува збор за „приватна работа“ додека функционери на партијата го поздравија решението за оставка.
Кит Ваз (60) е оженет и е татко на две деца.
Тој е по потекло од Гоа, на индискиот подконтинент, но е роден во Аден, денешен Јемен. Образуван е на Универзитетот во Кембриџ и е правник и адвокат.
Лабуристички пратеник од Лестер е уште од 1987 година, а претседател на Комисијата е веќе девет години.
Во еден период од својата кариера, беше и министер за Европа, а во годинешнава кампања за референдумот за ЕУ, беше против напуштањето на Унијата.