Во Самарканд пред малку заврши погребната церемонија за узбекистанскиот претседател Ислам Каримов, кој со земјата владееше над 25 години , пренесе ТАСС.
Узбекистанскиот претседател почина вчера на 79-годишна возраст.
Илјадници граѓани дојдоа во меморијалниот комплекс „Шахи Зинд“ да се збогуваат со него. Во комплексот се погребани и родителите на Каримов. Локални жители изјавија дека во комплексот не бил погребан никој уште од 1977 година, но за Ислам Каримов бил направен исклучок.
Гробот му е покриен со килим од бели рози. Луѓето до него се пропуштаа во мали групи, а снимањето беше строго забрането. Улиците на градот околу местото на погребната церемонија беа послани со рози.
На церемонијата во Самарканд присуствуваа над дваесет странски делегации, а меѓу нив беше и рускиот премиер Дмитриј Медведев.